Share the post "Пошта на Северна Македонија го одбележа 250-годишниот јубилеј од независноста на Соединетите Американски Држави со издавање на пригодна поштенска марка"
На свечена церемонија организирана во соработка со Амбасадата на Соединетите Американски Држави, Пошта на Северна Македонија денес ја претстави пригодната поштенска марка посветена на 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави.
Овој значаен историски јубилеј претставува 250 години слобода, демократија и универзални вредности како што се правдата, еднаквоста и почитувањето на човековите права – вредности кои и понатаму ги инспирираат демократските општества ширум светот.
Со ова филателистичко издание, Пошта на Северна Македонија не само што оддава почит на еден значаен историски момент, туку и повторно го потврдува традиционалното пријателство, меѓусебното почитување и силното партнерство меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.
На настанот присуствуваа претставници на институции, дипломати, претставници на Американската амбасада, медиуми и поканети гости, а свои обраќања имаа генералниот директор на Пошта на Северна Македонија, г. Орхан Куртиши, претставници на Американската амбасада, како и проф. д-р Скендер Асани од Институтот за културно и духовно наследство на Албанците.
Говор на генералниот директор на Пошта на Северна Македонија, г. Орхан Куртиши
Почитувани претставници на Амбасадата на Соединетите Американски Држави,
Почитувани гости,
Почитувани претставници на институциите,
Дами и господа,
Ми претставува особена чест и задоволство што денес, во име на Пошта на Северна Македонија, ве поздравувам и ви посакувам добредојде на оваа значајна церемонија со која го одбележуваме 250-годишниот јубилеј од независноста на Соединетите Американски Држави.
Овој датум претставува исклучителен историски момент не само за американскиот народ, туку и за современата историја на демократијата, слободата и универзалните човекови права. Токму овие вредности изградија мостови на соработка меѓу народите и ги поставија темелите на силните партнерства кои продолжуваат и денес.
За нас, како јавна институција со традиција и посебна одговорност во зачувувањето и промовирањето на филателистичкото наследство, претставува голема привилегија овој јубилеј да го одбележиме со издавање на пригодна поштенска марка, која го симболизира нашето почитување кон оваа историска годишнина и воедно го отсликува искреното пријателство меѓу нашите две земји.
Филателијата отсекогаш била повеќе од поштенска комуникација. Таа ја чува историјата, ги документира настаните од значење за нашите општества и служи како мост што ги поврзува културите и народите.
Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави низ годините изградија односи засновани врз почитување, партнерство и меѓусебна соработка, а ние сме горди што преку ова издание даваме наш симболичен придонес за понатамошно зајакнување на тие врски.
Во име на Пошта на Северна Македонија, ги упатувам нашите најискрени честитки до американскиот народ по повод овој голем јубилеј и посакувам пријателството меѓу нашите земји да продолжи да се зацврстува и во иднина.
Ви благодарам за вашето присуство и ви посакувам успешна церемонија.
Пригодната поштенска марка е дизајнирана од Лариса Донев, со номинална вредност од 43 денари и е издадена во тираж од 6.000 примероци.
Пошта на Северна Македонија останува посветена преку филателијата да промовира историски настани од меѓународно значење и да продолжи да гради мостови на соработка и пријателство меѓу народите и државите.
Македонски












