Почитувани,
Врз основа на написот објавен во неделникот Фокус „И покрај загубите, АД Пошта продолжува со луксузот: Нова и неактивна фирма ќе ја чисти „Пошта“ за 1,2 милиони евра со позајмени хигиеничари!“, од 26 ноември 2025 год, сакаме да ве информираме за тековните активности поврзани со постапката за избор на фирма за одржување на хигиена во деловните простории на Пошта.
Одржувањето на хигиената претставува неопходна активност за нормално функционирање на Друштвото, како за вработените така и за корисниците на поштенски услуги.
Во овој контекст сакаме да информираме дека одржувањето на хигиената во деловните простории како несуштинска дејност е укината со одлуката за утврдување на потреба од воведување на економски, технолошки, структурни и слични промени во работењето на ЈП „Македонска пошта“ од 05.05.2005 год.
Оттогаш Пошта на С. Македонија оваа услуга ја обезбедува преку спроведување на постапка за јавна набавка на услуга, која завршува со склучување на договор за јавна набавка во траење од 24 месеци.
Исто така, внатрешните анализи покажаа дека одржувањето на хигиената со сопствени вработени не може да се изведе, пред се поради финансиската неисплатливост, а не е во согласност ниту со постоечката систематизација на Друштвото.
Согласно планот за јавни набавки за 2025 година е предвидена оваа јавна набавка, донесена е одлука за јавна набавка и спроведена е оворена постапка, која заврши со избор на најповолна, а тоа е понудата на група на понудувачи чиј носител е БС Клининг ДООЕЛ Скопје.
Законот за јавни набавки, согласно член 96, на економските опратори во делот на економската, финансиската и техничката или професионална способност им дозволува да ја користат способноста на други субјекти, без оглед на правните врски помеѓу нив.
За учество во постапката економските оператори потребно е да исполнат одредени минимални критериуми за да се квалификуваат како способни. „Економски оператор“ согласно член 2, точка 6 е секое физичко или правно лице или група такви лица, вклучувајќи ги и сите привремени здружувања, кои на пазарот или во постапките за јавни набавки нудат стоки, услуги или работи, а секој економски оператор, согласно член 28 од ЗЈН има право да учествува, самостојно или како член на група економски оператори, во постапка за јавна набавка, согласно член 107 од Законот за јавни набавки, кој се однесува на правило за учество во една понуда или во една пријава за учество.
Поради тоа, како и согласно претходно наведеното сметаме дек написот во Фокус е неоснован и произволен за текот и постапката за обезбедување на фирма за одржување на хигиена во просториите на Друштвото.
Врз основа на наведеното, бараме овој демант да биде објавен без одлагање, на исто место/рубрика и со ист степен на видливост како и написот (вклучително и на социјалните мрежи каде е споделен), со јасна назнака дека станува збор за демант на АД „Пошта на Северна Македонија“.
Нагласуваме дека за сите наведени факти располагаме со релевантна документација и докази, кои сме подготвени да ги доставиме/презентираме на Ваше барање и по надлежен пат, согласно законските надлежности и правила.
Доколку не се објави овој демант и не се упати јавно извинување за изнесените неточни наводи, АД „Пошта на Северна Македонија“ ќе ги преземе сите понатамошни дејствија, со цел јавноста да биде точно информирана и да се заштити угледот на институцијата.
Со почит,
Кабинет на генерален директор
Македонски





