Share the post "Промоција на поштенска марка посветена на „100 години од раѓањето на Блаже Конески“"
По повод големиот и значаен јубилеј – 100 години од раѓањето на македонскиот великан, Блаже Конески, АД „Пошта на Северна Македонија“ издаде пригодна поштенска марка. Оваа активност е дел од Годишната програма за издавање на поштенски марки на националната Пошта.
Настанот е дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ која се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Министерството за култура, а во соработка со Министерството за образование и наука. 100-годишнината од раѓањето на Конески е запишана и во календарот на значајни јубилеи подржани од УНЕСКО.
На промоцијата, претседателот Стево Пендаровски порача дека негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон Конески туку е долг кон самите себе си, кон нашите претци и долг на идните генерации, а заштитата на јазикот е обврска на сите кои го користат и негуваат македонскиот јазик.
Верувам дека за секој наш сограѓанин, особено за филателистите ќе биде предизвик да се вметне оваа пригодна поштенска марка во својата колекција но и за да ја прошириме низ целиот свет, да стане што повидлива и сите да испратиме барем едно писмо до некому кој ни недостига, некој кој го чувствуваме близок и да ја ставиме поштенската марка со ликот на Конески, рече м-р Јани Макрадули – генерален директор на Пошта на Северна Македонија.
За значењето на академик Конески, неговиот лик и дело, на промоцијата говореа и министерката за култура Ирена Стефоска и проф.д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, при Владата на Република С. Македонија.
Номиналната вредност на поштенската марка со ликот на Конески, уметничко дело на академик Димитар Кондовски е 72 денари, тираж од 6000 примероци,а може да се најде во Бирото за филателија во ГЦПС Скопје 2 .