Share the post "Промовирана доплатна поштенска марка по повод Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина"
Денеска 8-ми мај, Црвениот крст на Република Македонија го одбележува Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина. По тој повод, Македонска пошта ја промовираше доплатната поштенска марка издадена во соработка со Црвениот крст на РМ. Оваа година, мотото под кое се одбележува Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина е „Секаде за секого-насмевка“. Промовирајќи ја доплатната поштенска марка генералниот директор на Македонска пошта г. Фаадис Реџепи истакна:
,,Чест ми е денеска во мое лично име и во име на вработените на Македонска пошта да Ви го честитам 8-ми мај Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Хуманоста и солидарноста не познаваат граници, тие се универзални – да се пружи тоа што некому му е најпотребно во вистинско време и на вистински начин. Синоним за тоа несомнено е Црвениот крст и Црвената полумесечина.Секој од нас, како индивидуа или институција треба да биде исправен пред предизвиците кои бараат солидарност и хуманост кон оние на кои најмногу им е потребно. Сите заедно полесно ќе шириме НАСМЕВКА СЕКАДЕ и ЗА СЕКОГО, некој за тоа има потреба, некој со нетрпение тоа го чека. Во секого постои хуманост, во секого постои солидарност, да изнајдеме начин тоа постојано да го одржиме разбудено во нас и во тие околу нас. Некогаш е доволен и само еден збор. АНРИ ДИНАН во 1859 година тоа го направи со зборовите Tuti fratelli – Сите сме браќа“. Генералниот директор Реџепи го увери раководството на Црвениот крст на РМ дека Македонска пошта со своите капацитети и понатаму ќе стои покрај нив за поддржување на хуманитарните активности.
Неделата од 8 до 15 мај е прогласена за Недела на Црвениот крст на РМ. Средствата од продажбата на доплатната поштенска марка во над 320 единици на поштенска мрежа се наменети за Црвениот крст на РМ. Поштенската марка е издадена со вредност од 9 ден., во тираж од 50.000 примероци.
На присутните им се обрати и претседателот на Црвениот крст на РМ, г.Ромел Велев.