Share the post "Промовирана доплатна поштенска марка по повод 8 мај – меѓународниот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина"
По повод 8 мај меѓународниот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина денес во Црвениот крст на Република Македонија беше промовирана доплатна поштенска марка. Честитајќи го 8 мај генералниот директор на Македонска пошта Фаадис Реџепи истакна: „Македонска пошта, тргнувајќи од основните вредности и постулати врз кои се темели работата на оваа исклучително значајна меѓународна организација како хуманост, непристрасност, неутралност, независност, универзалност, се труди секогаш и во секое време да биде таму каде што помошта е најпотребна. Токму затоа, нема да биде нескромно доколку кажам дека овие се и наши заеднички вредности.
Плод на нашата зедничка соработка е издавањето на доплатната поштенска марка по повод 8 мај – меѓународниот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, преку која сакаме уште еднаш да ја потенцираме и да ја промовираме важноста за заедничко разбирање, пријателство, соработка и траен мир меѓу сите луѓе. Како прв човек на Македонска пошта, во мое име и во име на менаџерскиот тим, ве уверувам дека нашата компанија постојано ќе биде покрај вас со поддршка на вашите активности, заклучи Реџепи.
Доплатната поштенска марка со тема „Недела на Црвен крст“ е со номинална вредност од 9 ден., издадена е во тираж од 50 000 примероци, а автор е г. Бранко Миов од Црвениот крст на Република Македонија. Во Македонска пошта од денес 08 мај па се до 15 мај 2017 год., ќе трае Неделата на Црвениот крст, при што средствата собрани од продажбата на доплатната поштенска марка ќе бидат наменети за Црвениот крст.