Во рамките на новогодишниот базар „Подари среќа“,Македонска пошта се вклучи во хуманитарната акција која има за цел прибирање на средства за СОС детското село и Домот за деца без родители.
Новогодишните честитки на СОС детско село купени за време на траење на новогодишниот базар на штандот на СОС детско село, Македонска пошта бесплатно ќе ги достави до која било адреса низ Република Македонија. Новогодишните честитки треба да бидат пуштени во поштенското сандаче на Плоштад Македонија. Исто така, на штандот на Македонска пошта на 28,29 и 30-ти декември ќе биде присутен и пошторазнесувач, кој најмладите ќе ги информира за правилниот начин на адресирање на поштенска пратка и патот до крајната адреса. Покрај хуманитарниот карактер, целта на Македонска пошта е да се врати традицијата за пишување и испраќање на новогодишни честитки.