ВРАБОТЕНИТЕ НА ПОШТА ДОНИРАА АЛИШТА, ОБУВКИ И СРЕДСТВА ЗА ХИГИЕНА
АД „Македонска пошта“ денес (27.02.2012) во Скопје заврши со хуманитарната акција која ја спроведе изминатиот период, како дел од нејзините редовни добротворни активности. На настанот беа промовирани остварените резултати од кампањата за донирање на облека, обувки и хигиенски препарати која беше реализирана меѓу вработените на компанијата. Претставници на АД „Македонска пошта“ ја предадоа донацијата на Црвениот крст на Македонија и ХО Ел Хилал, организациите кои се партнери во добротоворниот проект и наредниве денови ќе ги достават донираните предмети до граѓаните на кои тие најмногу им се потребни.
За време на кампањата, компанијата обезбеди пунктови за собирање на донациите во секоја од своите 15 дирекции низ државата, кутии за чување, финансии за перење, луѓе кои се грижеа за селекција, сортирање и пакување, како и возила за транспорт.
Зборувајќи за успешниот одзив на проектот, раководителката на секторот за маркетинг и продажба на компанијата, м-р Љиндиана Граждани изјави: „Денес заврши акцијата за донацијата на алишта, обувки и средства за хигиена која започна во 16 фебруари. Мислам дека бројот на собраните пакети (над 100) зборува дека акцијата беше многу успешна, а воедно покажа дека вработените во ‘Македонска пошта’ освен тоа што знаат да бидат услужливи кон корисниците и професионални во нивната работа, тие знаат да бидат и хумани“.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити, изјави: „Оваа акција не единствена со ‘Македонска пошта’. Компанијата преку еметирање на доплатни марки учествува во многу разни активности (борба против СИДА, рак и сл.). Вработените на Македонска пошта даваат крв два пати годишно што исто така е од голема помош“.
Претставникот на ХО Ел Хилал, Фатмир Муртезани, изјави: „Јас би сакал да им се заблагодарам на менаџментот на „Македонска пошта“ за оваа акција која навистина е многу хумана. Ние како Ел- Хилал ќе се погрижиме помошта да стигне до семејствата кои навистина имаат потреба од тоа“.
Минатата година, во рамки на кампањата на Црвениот крст на Македонија за одбележување на Светскиот ден за борба против гладот, компанијата ја поддржа акцијата за обезбедување на средства од корпоративниот сектор и овозможи бесплатно да се испратат 12.000 флаери до компаниите во земјата за нивна поддршка на проектот. АД „Македонска пошта“ обезбеди и пунктови за собирање на хуманитарни донации и транспорт на пратките во рамки на акцијата за помош на поплавените подрачја во Албанија пред две години. Компанијата редовно издава и доплатна марка со знакот на Црвениот крст, а приходите од продажбата ги донира во фондот на организацијата. Ова е само дел од активностите „Македонска пошта“ кои ги спроведува за подобрување на состојбата во општеството и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните.