Share the post "Делегација од Турска пошта во работна посета на Македонска пошта"
Делегација на Турска пошта задолжена за проектот за развој на електронска трговија помеѓу двете поштенски управи денес ја посети АД „Македонска пошта„ – Скопје. Оваа посета следува по потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу генералниот директор на Македонска пошта г. Фаадис Реџепи и генералниот директор на Пошта Турција г. Кенан Бозгејик, во Истанбул, месец октомври 2016 год. Целта на Меморандумот е развој на електронската трговија (e – commerce), квалитет на услуга, поштенско – финансиски услуги, размена на информации и формирање на проектни групи помеѓу двете поштенски управи.
Тема на денешниот состанок помеѓу генералниот директор на Македонска пошта, г.Фаадис Реџепи и претставниците од Турска пошта предводена од директорот на Сектор за меѓународни односи г-ѓа Џандан Шенјуз беше имплементирање на електронската трговија во Македонска пошта.
Во текот на денешниот ден претставниците од Турска пошта ќе имаат неколку работни состаноци со претставници на службите на Македонска пошта и членовите на работната група, формирана во Македонска пошта со цел воведување на електронска трговија. Меѓу другото, претставниците од Турска пошта ќе го посетат и Главниот центар за поштенски сообраќај ГЦПС Скопје 2, изменична пошта и неколку единици на поштенска мрежа.
Генералниот директор на Македонска пошта г. Фаадис Реџепи истакна дека Македонска пошта е подготвена за отпочнување со воведување на електронската трговија, која како нова услуга освен за Македонска пошта ќе биде корисна и за корисниците на услугите на Македонска пошта и за граѓаните на Р. Македонија.