Share the post "Трет Вонреден конгрес на СПС во Женева, Швајцарија – Победа на солидарноста и флексибилноста на дело"
Трет пат во историјата на Светскиот поштенски сојуз од неговото создавање во 1874 год и втор пат по редовниот Конгрес во Истанбул во 2016 год., во периодот од 23 до 26 септември 2019 год. во Женева, Швајцарија, се одржа Вонреден конгрес на СПС на кој присуствуваа 800 претставници од 130 земји, меѓу мои и делегација од Република Северна Македонија составена од претставници од Пошта на Северна Македонија на чело со Ејуп Рустеми, Генерален директор на Пошта на Северна Македонија, и претставници од Агенцијата за пошти.
Целта на Конгресот беше усогласување на ставовите помеѓу земјите-членки во врска со начинот на плаќање на терминалните трошоци.
Причина за неговото одржување беше ставот на САД изразен на вториот Вонреден конгрес во Адис Абеба, Етиопија, во 2018 год. дека, доколку не се направат промени во начинот на плаќање на терминалните трошоци, САД ќе излезат од Светскиот поштенски сојуз во октомври 2019 год.
По направените анализи од страна на органите и работните групи на СПС со земјите-членки и регионалните сојузи, во мај 2019 год. беа доставени три модели на терминални трошоци (А, В и С) и предлог за одржување на Вонреден когрес за чиешто одржување се гласаше по електронски пат.
Конгресот, со кој претседаваше г. Бозгејик, Генерален директор на Турската пошта, започна со многу спротивставени ставови во врска со понудените предлози. Најнапред се разгледуваше опцијата В којашто најмногу ја застапуваа САД. И покрај предлогот на Јужноафричка Република со кој се дополни опцијата, и кој обезбедуваше дополнителни бенефиции во плаќањата за земјите во развој со помал обем, истата беше отфрлена.
Согледувајќи дека опцијата А нема доволна поддршка од земјите-членки но и дека опцијата С не ги задоволува во целост очекувањата на мнозинството, по многу преговори, по широки консултации на највисоко ниво со многу земји и групи на земји, со многу вложени напори за да се задоволат барањета на сите, Светскиот поштенски сојуз изготви и понуди опција V (Победа).
Опцијата V беше изгласана со акламација со што се заокружи едногодишното залагање за изнаоѓање на решение за начинот на плаќање на терминалните трошоци и, на огромно задоволство на сите земји-членки, за задржување на САД во големото поштенско семејство.
Во својот завршен говор, г. Бишар А. Хусеин, Генералниот директор на СПС, им се заблагодари на г. Паскал Клива, Заменик генералниот директор на СПС и на целиот тим од Меѓународното биро за вложениот труд во изработката на опцијата V а на земјите членки за постигнатиот договор. И, како што тој вели: “Опцијата V е победа. Ваша победа. Дојдовте заедно да покажете одговорност и уште еднаш повторно да ја докажете цврстината и флексибилноста на Сојузот.”