Share the post "Достава на извод од матична евиденција на домашна адреса на граѓаните"
ПРОЕКТ НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИТЕ КНИГИ И АД МАКЕДОНСКА ПОШТА СКОПЈЕ
Управата за водење на матичните книги Ве информира дека од 05.10.2017 година воведува две нови услуги за граѓаните.
Денеска стартува проектот за достава на изводите од матична евиденција на домашните адреси на граѓаните. Овој проект е соработка помеѓу Управата за водење на матичните книги и АД Македонска пошта Скопје.
За оваа цел, Управата за водење на матичните книги и АД Македонска пошта Скопје, склучија Меморандум за соработка, што подразбира достава на документите од матична евиденција на домашна адреса на граѓаните, најдоцна до 72 часа од моментот на аплицирањето.
Начинот на аплицирање е едноставен.
Потребно е да ја посетите веб страната на Управата www.uvmk.gov.mk или директно да пристапите на порталот https://e-portal.uvmk.gov.mk и преку посебен безбедносен систем што ги гарантира заштитата на личните податоци, да се регистрирате и да го пополните електронски барањето. По успешно пополнето барање и уплата ќе ви стигне нотификација на е-маил адресата за успешно обработено барање и време на достава на Вашиот извод.
Поштарот, по информацијата на Управата за водење на матичните книги, дека бараниот извод е готов, го подига од Управата и го доставува на домашна адреса на граѓанинот.
Овој проект на двете институции им овозможува на граѓаните едноставност за аплицирање, брзина и заштеда на време и пари, како и намалување на турканици пред шалтерите. Воедно, овој систем на добивање на изводи од матичната евиденција е безбеден, каде личните податоци на граѓаните се максимално заштитени.
За доставувањето на изводот на домашна адреса до било кое место во Република Македонија покрај досегашните трошоци ќе бидат наплатени дополнителни 100 денари за поштенски услуги.
Она што граѓаните треба да знаат за ваквиот вид на аплицирање е дека барањето за извод од матичната евиденција се поднесува лично или за своето малолетно дете, а примењето на изводот од матичната евиденција се врши со приложување на документ за лична идентификација на подносителот на барањето.
За почеток оваа услуга ќе биде достапна само за граѓаните на град Скопје, а потоа и за граѓаните на останатите градови низ Македонија, за што граѓаните дополнително ќе бидат информирани.
Како втора услуга која ја промовира денес Управата за водење на матичните книги е услугата со која граѓаните преку порталот покрај барање за извод од матична книга на родените ќе може да поднесат и барање за извод од матичната книга на венчаните.
Двете услуги се меѓусебно поврзани и граѓаните ќе имаат можност да го добијат и изводот од матична книга на венчани на домашна адреса
Целиот проект е дел од владината програма 3-6-9, која подразбира доближување на институциите до граѓаните во Република Македонија и надвор од неа.