Во организација на Светскиот поштенски сојуз, од 24 до 25 март во Скопје се одржа Регионална конференција на тема „Поддршка на земјите од Европа и CIS (земји од Централна, Источна и југоисточна Европа) во процесите на реформите и развојот во поштенскиот сектор преку IPDP (планови за интегрирана поштенска реформа и развој) методологијата на Светскиот поштенски сојуз“ на која со своја презентација учествуваа и претставници од Македонска пошта.
Во согласност со Регионалниот план за развој на земјите од Европа и CIS (земји од Централна, Источна и југоисточна Европа) на Светскиот поштенски сојуз за периодот од 2013 до 2016 год., како и Проект документот на Светскиот поштенски сојуз, Стратегијата за развој на поштенските реформи се базира на:
– промовирање на иницијативи како дел од проектите, со цел да им се помогне на земјите да ги имплементираат IPDP активностите, пред се во делот на дефинирање на универзалната поштенска услуга, поштенската политика и правната рамка;
– да им се помогне на земјите за имплементирање на формулираните планови, да ги идентификуваат изворите за финансирање и да поднесат барање за финансиски средства на национално и регионално ниво; и
– дефинирање на IPDP методологијата во земјите, иницирајќи мотивираност и посветеност за отпочнување на реформи во поштенскиот сектор.
На регионалната конференција учествуваа претставници од министерствата – одговорни за поштенскиот сектор, регулаторите и националните поштенски оператори на Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Турција.
На дводневната конференција учесниците разговараа за дефинирање на универзалната поштенска услуга, директивите на Европската унија за поштенскиот сектор и примена во националните законодавства; беа разменети искуства на земјите кои ги формулирале плановите за интегрирана поштенска реформа и развој како и за финансирање на поштенските реформи во согласност со Светскиот поштенски сојуз.