АД „Пошта на Северна Македонија“ најостро реагира на изјавите и обвинувањата изнесени од страна на СДСМ, кои содржат неточни, тенденциозни и политички мотивирани тврдења во врска со постапката за избор на економски оператор за одржување на хигиената во објектите на Поштата.
Овие наводи претставуваат обид за свесно дезинформирање на јавноста и грубо извртување на фактите, со цел политичка дискредитација на институција која постапува исклучиво во согласност со законите и важечките процедури.
АД „Пошта на Северна Македонија“ нагласува дека постапката за избор на оператор е спроведена целосно согласно Законот за јавни набавки, врз основа на јасни, транспарентни и проверливи критериуми. Станува збор за редовна и законски утврдена постапка, предвидена во Годишниот план за јавни набавки, која во никој случај не претставува новина, ниту исклучок во работењето на институцијата.
Понатаму, одржувањето на хигиената во Поштата повеќе од една деценија се реализира преку надворешни оператори, поради економска неисплатливост и организациска неизводливост истото да се врши со сопствени вработени. Сите тврдења што имплицираат спротивното се неосновани и тенденциозни.
Согласно Законот за јавни набавки, економските оператори имаат право да учествуваат индивидуално или како група на понудувачи, како и да се повикуваат на капацитетите на други субјекти, што е јасно дефинирана и дозволена законска можност. Секое претставување на оваа законска рамка како „злоупотреба“ претставува груба манипулација со фактите.
АД „Пошта на Северна Македонија“ остро ги отфрла сите инсинуации за незаконитост, фаворизирање или злоупотреба на јавни средства и најавува дека, доколку продолжат ваквите напади и ширење на невистини, ќе бидат преземени сите со закон предвидени мерки за заштита на угледот и интегритетот на институцијата.
Воедно, ги повикуваме политичките субјекти да се воздржат од злоупотреба на институционални прашања за дневно-политички цели и да покажат одговорност и почит кон јавноста и правниот поредок.
АД „Пошта на Северна Македонија“ останува целосно посветена на законитото, транспарентно и одговорно работење и стои на располагање на надлежните институции за целосна проверка на сите релевантни факти.
Кабинет на Генералниот директор
АД „Пошта на Северна Македонија“
Македонски





