АД „Пошта на Северна Македонија“ остро реагира на последните изјави на СДСМ, кои содржат неточни, тенденциозни и политички мотивирани тврдења во врска со постапката за избор на економски оператор за одржување на хигиената во објектите на Поштата.
Овие наводи претставуваат свесен обид за дезинформирање на јавноста и дискредитирање на институција која работи исклучиво во согласност со законските прописи, преку извртување на фактите и манипулирање со содржината на договорната документација.
АД „Пошта на Северна Македонија“ јасно и недвосмислено истакнува дека постапката за јавна набавка е спроведена целосно согласно Законот за јавни набавки, врз основа на јасни, транспарентни и проверливи критериуми. Договорот предвидува дека реализацијата на услугите се врши согласно реалните потреби на институцијата, а не фиксно или формално, што е вообичаена и законски дозволена практика.
Дополнително, одржувањето на хигиената во објектите на Поштата со години се реализира преку надворешни економски оператори, поради економска и организациска неисплатливост истото да се врши со сопствени човечки ресурси. Оваа практика е воспоставена одамна и не претставува новина ниту исклучок.
Посебно нагласуваме дека одобрувањето и контролата на извршените услуги се врши од страна на раководителите на организационите единици, согласно реалните потреби на секој објект, вклучително и подрачните и работните единици. Секое тврдење дека станува збор за „фиктивни услуги“ или „неизвршена работа“ е неосновано и неосновано инсинуирање.
Во тој контекст, ја повикуваме СДСМ, доколку располага со конкретни докази за евентуални неправилности, истите да ги достави до надлежните институции и да ги именува одговорните лица, наместо преку политички изјави да создава сомнежи и да ја манипулира јавноста.
АД „Пошта на Северна Македонија“ нема да дозволи политички притисоци, дискредитација и нарушување на угледот на институцијата. Доколку продолжат ваквите неосновани напади, ќе бидат преземени сите законски средства за заштита на институционалниот интегритет и углед.
Институцијата останува целосно посветена на принципите на законитост, транспарентност и отчетност и стои на располагање на сите надлежни органи за целосна проверка на фактите и документацијата.
Кабинет на Генералниот директор
АД „Пошта на Северна Македонија“
Македонски




