Share the post "Промоција на поштенска марка „75 години од раѓањето на Арбен Џафери“"
По повод 75 години од раѓањето на Арбен Џафери, Пошта на Северна Македонија издаде поштенска марка. На промоцијата беше поканет Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, како и министри, заменици и пратеници.
Генералниот директор на Пошта на Северна Македонија, м-р Бујаре Абази која ја промовираше марката, истакна:„ Не можеме да ја заборавиме политичката посветеност на Арбен Џафери за мирната иднина на Северна Македонија, факт што се докажа со Охридскиот рамковен договор. Ставовите на Арбен Џафери за верската толеранција се исто така доказ за неговите интелектуални капацитети во овие мешани средини. Неговото богато политичко наследство нè тера не само да се сеќаваме и да го одбележуваме, туку и да уживаме во плодовите на неговата работа“.
Неговите современици и соработници сведочат дека Арбен Џафери има голем удел во креирање на албанската политичка мисла во Македонија, бидејќи со својот ангажаман внесе една нова динамика во политичкото делување, беше истакнато на промоцијата.
Отсега, ликот на Арбен Џафери ќе биде на поштенската марка, а писмата од нашата Пошта ќе се доставуваат и ќе се движат насекаде, дури и надвор од границите, како што се движеше Арбен заедно со својот просветлен ум, заклучи Абази.
Автор на марката со ликот на Арбен Џафери е Лоран Куфало. Испечатена е во тираж од 6000 примероци, со номинална вредност од 36 ден.