Share the post "Промоција на поштенска марка посветена на Лоренц Антони"
Денес во Институтот за културно и духовно наследство на Албанците беше промовирана поштенската марка посветена на ликот и делото на Лоренц Антони, по повод 25 години од неговата смрт.
Поштенската марка ја промовираше генералниот директор на Македонска пошта г. Фаадис Реџепи кој во оваа прилика истакна: „Македонска пошта преку издавањето на поштенската марка активно се вклучува во дбележувањето на 25 годишнината од смртта на Антони Лоренц, наш сограѓанин, музиколог, диригент, научник, кој целиот свој живот го посветил на музиката.
Велат дека преку музиката се искажува единствената вистина и животна приказна, а јас би додал дека и поштенските марки се дел од истата приказна. И ние денес оставаме значајна трага, бидејќи поштенските марки патуваат како што патуваат и звуците од музиката на Лоренц Антони.
Ова нека претставува еден мал придонес кон неговото творештво, и нека биде дел од многуте приказни кои се напишани или допрва треба да ги испишат младите музичари не само овде во Македонија, туку насекаде во светот. Затоа што, поштенската марка е најдобриот начин да го покажеме она што е вредно и историски значајно, за нас и за идните поколенија“, заклучи генералниот директор Реџепи.
Поштенската марка посветена на 25 годишнината од смртта на Лоренц Антони издадена е во тираж од 7000 примероци, со номинална вредност од 20 ден., а автор е Лоран Куфало од Бирото за филателија на Македонска пошта.
За ликот и делото на Лоренц Антони говореа директорот на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците, Скендер Асани, државниот секретар во Министерството за култура на Р. Македонија Беџехудин Шахапи, Антон Серечи, Блерим Груби, проф. на Тетовскиот универзитет и член на Македонската филхармонија, Ермаил Мехмети, етномузиколог и внуката на Лоренц Антони, Алма Бетулаху.