Share the post "Промовирана поштенска марка „60 години од скопскиот земјотрес“"
Во рамки на одбележување на 60 годишнината од скопскиот земјотрес, денес во просториите на УНДП беше промовирана поштенска марка „Скопје се сеќава 1963 – 2023“.
Поштенската марка ја промовираа постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан и генералната директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ Бујаре Абази.
„Живееме во град на солидарноста, град кој е изграден со подадената рака на светот, кој во таа 63- та година се соедини за да му помогне на нашето Скопје.
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. И секогаш, повторно се издигнувал, растел и се развивал, заедно со своите жители. Затоа, денес, кога се сеќаваме на оваа катастрофа, се сеќаваме и на подадената рака на светот. Пошта на Северна Македонија, низ годините, има издадено голем број на поштенски марки со мотив на градот Скопје. Така е и денес кога се сеќаваме на оваа страшна катастрофа „60 години од скопскиот земјотрес“, рече генералниот директор на Пошта на Северна Македонија Бујаре Абази, во своето обраќање на денешната промоцијата.
Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП истакна дека марката ќе остане како сведок на отпорноста на градот Скопје и сите љубители и колекционери – филателисти ќе ја препознаат нејзината важност во одбележувањето важни историски моменти за идните генерации.
Марката, со мотив на старата железничка станица, е дело на Лоран Куфало од Пошта на Северна Македонија. Испачатена е во тираж од 6.000 примероци, а номиналната вредност е 36 денари.