Навистина е привилегија и чест да се биде дел од промоцијата на оваа поштенска марка.
Пошта, почетокот на независноста го одбележа со пригодна поштенска марка, од која симболично ечеа зурли и тапани. Денес, ја промовираме поштенската марка, издадена во 6000 примероци, со номинална вредност од 72 денари. Од самиот почеток, Пошта била, но ние сме длабоко уверени дека и понатаму ќе биде главен чинител во поштенскиот сообраќај во Државата, рече во своето обраќање генералниот директор Јани Макрадули, промовираќи ја поштенската марка „30 години независност“.
Решително влеговме во промени, стануваме отворени и конкурентни, а во исто време, ги користиме и новите можности кои ни ги нуди развојот на технологијата. Бележиме и позитивни придвижувања, како што е зголемувањето на приходите од поштенските услуги, во првото шестмесечје.
Промоцијата на поштенската марка се одвиваше во опожарената шалтер сала за која генералниот директор Макрадули истакна: „уште од самиот почеток немав дилеми дека овој простор треба да биде јавен простор, вклопен во концептот – „Да ја вратиме Поштата на граѓаните.“
На промоцијата свое обраќање имаше претседателот на Владата, г. Зоран Заев, кој се заблагодари на Пошта за промоција на пригодната марка, и истакна дека таа е доказ за храбрата и одлучна верба на нашиот народ дека е способен да создаде и да живее во независна, просперитетна и перспективна држава.
Верувам, продолжи премиерот Заев дека оваа поштенска марка, која го отсликува нашиот голем тридецениски јубилеј ќе најде соодветно место во колекциите на филателистите.
За улогата и за значењето на Пошта на промоцијата говореше и г. Исмет Рамадани, поранешен пратеник, кој меѓудругото укажа на важноста на Пошта како институција за Државата, потенцирајќи дека таа е огледало на целокупното општество. Од тие причини, верувам дека Пошта и вработените во неа ќе продолжат да ја развиваат оваа институција со поддршка на Државата.
Промоцијата на поштенската марка „30 години независност“ е дел од активностите на Владата за прослава на овој значаен настан за нашата држава.