Share the post "Промовирана поштенската марка Apis mellifera macedonika"
Apis mellifera macedonika е поштенската марка која беше промовирана денес на денот на пчеларите на Македонија. Автор на двете поштенски марки со номинална вредност од 18 и 72 ден е Лариса Живковска Донев од Бирото за филателија на Македонска пошта. Поштенските марки ги промовираше генералниот директор на АД „Македонска пошта„ г.Фаадис Реџепи, кој во оваа прилика истакна: „Поштенската марка претставува објект што прво ќе го забележите на поштенска пратка, нешто што прво ќе ви го привлече вниманието.
Поради тоа и за испраќачот и за примачот поштенската марка претставува неизбежен дел од секое писмо. Писмото, а со тоа и марката стигнуваат и во најодалечните делови од светот, така што марката претставува своевиден амбасадор на земјата. Но, поштенската марка, не претставува само средство за плаќање на поштенските услуги, туку претставува и своевидна патувачка изложба, моќно средство на мало парче хартија да ги претставиш културата, историјата и традицијата, на сопствената земја“, рече генералниот директор Реџепи. Поштенските марки Apis mellifera macedonika издадени се во тираж од 6000 примероци. На промоцијата присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на Република Македонија г. Љупчо Николовски и претставници од Општина Центар.