Share the post "Прес конференција на генералниот директор Ејуп Рустеми"
Повод за денешната прес конференција е Решението на НБРСМ бр. 15-20139/1 од 12.08.2020 година со која се укинува Дозволата за основање и работење на ЕУРОСТАНДАРД БАНКА АД СКОПЈЕ и како што е најавено отворање на стечајна постапка.
Во својство на Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на АД Пошта на Северна Македонија изразувам жалење за носењето на вакво непопуларно решение од страна на НБРСМ, од причина што ќе има негативни последици и врз тековното работење на ПОШТА.
Од денеска поради неработење на ЕУРОСТАНДАРД БАНКА на шалтерите на ПОШТА не можеме да ги обезбедиме финансиките услуги и услугите на платниот промет за многу граѓани и правни лица, како што се:
- наплата на сметки за комунални услуги
- наплата на сметки за струја
- исплата на пензии
- исплата на социјална помош
- други банкарски услуги и безготовински платен промет за депонентите на ЕУРОСТАНДАРД БАНКА.
Сите овие услуги ПОШТА во својата мрежа ги обезбедува во име на ЕУРОСТАНДАРД БАНКА и за истите наплаќа соодветен надоместок.
Како што може да се види и од текстот на Решението на НБРСМ проблемите во работењето на ЕУРОСТАНДАРД БАНКА се резултат на преземениот ВИСОК КРЕДИТЕН РИЗИК во нивното кредитно портфолио, а тоа во никој случај не е поврзано со услугите кои ПОШТА ги обезбедува на своите шалтери.
Остварените приходи во првите шест месеци од 2020 година од овие услуги кои од денеска ПОШТА не може да ги обезбеди изнесуваат
110 милиони денари и преставуваат 19,4 % од вкупно остварените приходи на ПОШТА.
Во услови на пандемија ова беа значајни приходи за ПОШТА, бидејќи здравствената криза придонесе да има огромен пад на приходите од поштенски услуги, најмногу на тие од меѓународниот поштенски сообраќај.
Над 870 вработени на ПОШТА целосно или делумно извршуваат работни обврски поврзани со обезбедување на наведените услуги.
Приходот остварен од наведените услуги обезбедува плата за околу 560 вработени во ПОШТА.
Изразувам жалење за настанатата ситуација до сите граѓани и фирми корисници на нашите услуги, со кои имавме одлична соработка во делот на наплата на нивните сметки/фактури.
ПОШТА е во интензивна комуникација со Владата на РСМ како оснивач на ПОШТА, со НБРСМ како регулатор со цел изнаоѓање на брзо и прифатливо решение за сите, а пред се во интерес на граѓаните и фирмите, кои досега ги користеле овие услуги на шалтерите на ПОШТА.
Ова би било и во интерес на Пошта за да не изгуби значитетелен дел од своите приходи.
Останува да се надеваме дека целиот процес ќе заврши без последици за доверителите на Банката.