Новата пригодна марка со мотиви на националната валута и во вредност од 50 денари од утре ќе се продава во над 300 поштенски филијали
А.Д. „Македонска пошта“ на денешната прес конференција промовираше нова пригодна поштенска марка, издадена по повод на Јубилејот 20 години од монетарното осамостојување на земјава и воведувањето на националната валута-денар. На настанот што се одржа во големата кружна шалтерска сала во Дирекцијата на Македонска пошта во Скопје, присуствуваше и гувернерот на Народна банка на Република Македонија, г. Димитар Богов.
Генералниот директор на Македонска пошта, г. Рафис Аљити изјави: „Новата поштенска марка е направена специјално по повод 20 годишнината на монетарната самостојност и посветена нашата национална валута-денарот, која исто така слави 20 години од своето постоење. Граѓаните ќе ја најдат марката во било која од преку 300-те поштенски филијали низ земјата и ќе можат да ја користат во меѓусебните комуникации или како нов, вреден украс во своите филателистички колекции. Таа, како неофицијален амбасадор на Македонија, ќе ја претставува нашата земја и нејзиното историско минато, во случајов монетарното осамостојување, насекаде низ светот.“
Гувернерот на Народна Банка на Република Македонија, г. Димитар Богов, за новата поштенска марка изјави: „Мило ми е што Македонска пошта на симболичен начин го овековечи овој значаен Јубилеј. Новата поштенска марка е уште една можност преку која ќе се промовира историјата и културата на Македонија, надвор во светот. Народната банка изминатите 20 години работеше во ист правец, а и во иднина ќе продолжи да се залага за промовирање на карактеристиките на нашата земја преку самите банкноти и монети“.
Поштенската марка во вредност од 50 денари ја изработи Лариса Донев, дизајнерка во Самостојна служба за филателија при Македонска пошта. На неа е преставена монетата еден денар, искористен е мотив од стара пара на Македонија и стои натпис дека е направена по повод 20 годишнината од монетарното осамостојување на Република Македонија.
Македонска пошта издава пригодни, редовни и доплатни поштенски марки од кои оние со каталошка вредност можат да се набават на филателистичките шалтери во главните пошти во Скопје, Битола и во Струмица, како и во продавницата за филателија во Охрид. За нивна изработка е одговорно Самостојната служба за филателија при Македонска пошта кое на годишно ниво издава од 27.000 до 30.000 поштенски марки.