8 септември 2021 година
На денешен ден се навршуваат 30 години од Референдумот со кој македонскиот народ ја изгласа независноста на нашата држава.
Со стекнувањето на независноста на државата, било потребно Поштата во Македонија да се трансформира во национален ПТТ систем и да се приклучи во Светската поштенска мрежа, како независна национална организација за вршење на поштенска дејност.
Поштенска марка издадена по повод независноста, 8 септември 1991 год.
Мотивот на оваа марка е свирачи на зурли со номинална вредност 2,5 ден.
На 1 јуни 1992 година Македонија се вклучила во меѓународниот поштенски сообраќај кога во ГЦП Скопје 2 се формирала во изменична пошта 91003 Скопје, во која се вршела целокупната размена на пратки, од и до странство, преку две одделенија.
Во текот на 1992 година, биле преземени мерки за осамостојување на ПТТ Македонија од сите аспекти. Една од мерките била претпријатието да почне со издавање на поштенски марки. На 25 мај 1992 година, бил формиран Совет за издавање на поштенски марки, кој ја издал првата марка по повод годишнина од Референдумот за независност на нашата држава.
Поштенска марка со мотив од иконостасот на манастирот Свети Јован Бигорски, дизајнирана од дипл. архитект Мите Дамевски, издадена 1992 година по повод првата годишнина од независноста
На 12 јули 1993 год. Македонија станала членка на Светскиот поштенски сојуз. Планот за развој на ПТТ сообраќајот во периодот од 1991-1995 година содржел:
- отворање на нови меѓународни поштенски линии со соседните земји;
- организирање и опремување на главниот поштенски центар во Скопје за вршење на меѓународен сообраќај, а првите меѓународни траси кои започнале со функционирање од 1991-1996 година, биле:
- Скопје-Охрид-Струга-Ќафасан-Подградец (Албанија),
- Скопје-Крива Паланка-Ќустендил (Бугарија),
- Скопје-Гевгелија-Поликастро (Грција),
- Скопје-Табановце-Врање (Србија),
- интензивирање на процесот на автоматизација на шалтерското работење во единиците на поштенската мрежа,
- воведување на современа опрема за автоматизација на технолошките процеси во поштенските центри,
- опремување на возниот парк со современи транспортни средства за превоз на поштенски пратки и подобрување на квалитетот на постојните и воведување нови услуги.
Освен копнените меѓународни линии, на 22 април 1994 година се воспоставила и авионската пошта на аеродромот Петровец. Преку неа се вршел пренос на пратки и до прекуокеанските земји преку аеродромите во Амстердам и Франкфурт.
Поштенска марка издадена по повод 5 години од независноста, 1996 година
Од 1 јануари 1997 година ЈП „Македонска пошта” веќе функционирала како посебно претпријатие откако се случила поделбата на Пошта и Телеком.
Поштенска марка издадена по повод 10 години од независноста, 2001 година
Поштенска марка издадена по повод 20 години од независноста, 2011 година
Поштенска марка по повод 25 години од независноста, 2016 година
Поштенска марка издадена по повод 30 години од независноста, 2021 година
Денес, АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје има повеќе од 2000 вработени и над 330 поштенски единици на поштенска мрежа на целата територија на нашата држава, во секое едно населено место. Таа врши дејност на јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај, согласно Законот за поштенските услуги.
Поштата е таа, која допира до домот на секој граѓанин и е секогаш достапна со своите вработени и своите услуги за прием и достава на писма и пратки.
Во иднина Поштата ќе се развива во помодерна компанија, во склоп со светските технолошки промени.
Изработил:
Перо Блажески
дипл. етнолог и антрополог,
стручен соработник во сектор за маркетинг и продажба
АД Пошта на Северна Македонија
Извори:
„Македонска пошта, Македонски телекомуникации“ автор Ристо Костовски