Share the post "Почна да функционира платниот промет во Пошта – Во првиот час направени дури 500 трансакции"
Пошта во соработка со Халкбанк обезбедува можност за плаќање на сметки, како и вршење на други финансиски трансакции. Платниот промет од денес е достапен во повеќе единици на Пошта и тоа: Скопје 1 и Скопје 2, подружниците во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани и Куманово. Во текот на месец март услугата станува функционална и во сите останати единици на Пошта, односно на повеќе од 300 точки низ целата држава.
„Токму ова претставува голема одговорност и обврска која Пошта повторно ја презема. Огромен број на граѓани и компании изминатиов период апелираа да ја обновиме оваа услуга бидејќи постојат многу места низ целата земја каде нашите шалтери се единствената физичка опција за вршење на трансакции од платниот промет.“, истакна генералниот директор на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“, Јани Макрадули кој денеска беше во работна посета на пошта 1020 во општина Карпош заедно со членот на Управниот одбор на Халкбанк А.Д. Скопје, Буке Геречџи.
Само во првиот час на поштенските шалтери за платен промет веќе биле направени 500 трансакции, информираа од Пошта за време на денешниот настан.
„Убеден сум дека ова партнерство со Халкбанк, односно враќањето на платниот промет на листата на наши услуги ќе придонесе за одредено финансиско стабилизирање на Пошта. Што е многу важно, истовремено очекуваме тоа да ни овозможи да започнеме и да инвестираме во дигитализација на услугите, како и да воведеме платформа за е-трговија која ќе не направи многу поконкурентни и во чекор со промените во начинот на вршење на поштенските услуги кои веќе се случуваат ширум светот.“, посочи Макрадули.
Од Халкбанк истакнаа дека еден од приоритетите во работењето на банката е понуда на одлична услуга и корисничко искуство во што веруваат дека за брзо време ќе се уверат и корисниците на услуги на Пошта.
„Со стартот на работата на платниот промет Халкбанк не само што ја исполни преземената обврска во рок од два месеци да го имплементира системот за готовински плаќања, туку покажа идека е сериозен партнер кој во иднина, заедно со Пошта ќе настојува на граѓаните да им пружи одлична услуга. Свесни сме дека платниот промет во Пошта е многу важен за граѓаните, не само затоа што е наједноставен и најевтин начин за готовински плаќања, туку и од причина што за жителите на многу населени места е и единствен начин за плаќање сметки, обврски кон државата, уплата на средства и слично“, рече за време на денешната работна посета, членот на Управниот одбор на Халкбанк А.Д. Скопје, Буке Геречџи.
Од Пошта апелираа граѓаните целосно да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, бидејќи заштитата на здравјето на секој граѓанин, вклучително и на вработените во Пошта мора да биде приоритет.
Инаку, над 870 вработени во „Пошта“ целосно или делумно извршуваат работни обврски поврзани со обезбедувањето на услуги од платниот промет. Според договорот, 71 отсто од остварениот приход ќе биде наменет за државната пошта, а 29 отсто за Халкбанк.