Трансформирајте се за да останете овозможувач на сеопфатен развој и неопоходна компонента на глобалната економија
Светскиот ден на Поштата се прославува секоја година на 9 октомври. Настанот беше востановен на Светскиот поштенски конгрес во Токио во 1969 година како средство за одбележување на годишнината од формирањето на Светскиот поштенски сојуз во 1874 година.
Денес, главната цел на Светскиот ден на Поштата е да се зголеми свесноста за улогата на Поштата во секојдневниот живот на луѓето и претпријатијата, како и за глобалниот општествен и економски развој. Земјите-членки на СПС се поттикнуваат да организираат сопствени национални активности за прославување на настанот: од воведување или промовирање на нови поштенски производи и услуги до одржување на отворени денови во поштите, центрите за сортирање или поштенските музеи.
Важно е постојано да се потсетуваме себе си за улогата што поштите денес ја имаат во нашите општества, бидејќи некои клучни трендови го испревртуваат нашиот свет наопаку. Во оваа смисла гледам четири главни трендови: прво, сеприсутноста на Интернетот се зголемува од година во година, трансформирајќи ги начините на кои граѓаните делуваат меѓусебно, комуницираат и работат; второ, корисниците во сите индустрии имаат се поголеми барања: во оваа ера на дигитална и мобилна технологија, нештата сакаме да ги добиваме веднаш и сакаме избор и контрола; трето, електронската трговија и малата логистика се во експанзија, достигнувајќи пораст со двоцифрени стапки во повеќето региони; и четврто, по повеќе години забавен раст, светската економија и меѓународната трговија конечно се враќаат во колосек.
Во овој контекст, поштите можат само да ги ублажат ризиците и да ги зграпчат можностите доколку се зафатат со реформа. Потребно е повторно да се измислат себе си, да ја прифатат дигитализацијата, да го редефинираат нивниот предлог за вредност и да развијат нови производи и услуги. Тие, исто така, бараат политичка поддршка и инвестиции, како и соодветна регулаторна рамка за своите активности.
Има многу што да се добие од оваа трансформација: позадоволни корисници, посилни поштенски пазари и што е најважно, покохезивни општества. Со засилување на напорите на земјите да ги постигнат Целите за траен развој на Обединетите нации, не треба да заборавиме дека поштенскиот сектор е овозможувач на сеопфатен развој и неопходна компонента на глобалната економија. Во најодалечените и најнаселените подрачја на нашата планета подеднакво, таа останува клучна платформа за давање јавни услуги.
Како меѓувладина организација во рамките на Обединетите нации, СПС е најмногу засегнат од улогата на поштите како составен дел од јавната ифраструктура. Вложуваме напори за 192-те национални мрежи на нашите земји-членки да бидат како една. Нудиме форуми кои на нашите членки им овозможуваат размена на гледишта и изнаоѓање на мултилатерални решенија за светските проблеми. Обезбедуваме пристапни технички решенија и помош за владите, регулаторите и назначените оператори кои сакаат да ги модернизираат нивните национални поштенски инфраструктури. Конечно, како единствен светски центар кој го познава поштенските сектор ги правиме плодоносни масовните поштенски податоци во корист на сите.
Верен на својата мисија, Сојузот избра оваа година два главни момента за да го одбележи Светскиот ден на Поштата. Прво, ќе ги наградиме најуспешните земји според интегрираниот индекс за поштенски развој на СПС кој неодамна беше воведен. Нудејќи преглед на поштенскиот развој во 170 земји, овој нов индекс претставува моќна алатка што владите, регулаторите и назначените оператори можат да ја користат за да ја промовираат извонредноста на поштата. Трите најуспешни земји (Швајцарија, Франција и Јапонија) и регионалните победници (Бразил, Маврициус, Полска, Сингапур и Обединетите Арапски Емирати) заслужуваат да примат честитки за нивната извонредна успешност.
Ќе изразиме почит, исто така, кон младите кои ја негуваат традицијата за епистоларна уметност дури и во време на нови технологии. Победник на меѓународниот натпревар за епистоларен состав за 2017 год. е четиринаесетгодишната Ева Џордано Палачос од Того која состави трогателно писмо за Антонио Гутерес, генералниот секретар на Обединетите нации, повикувајќи го да ги удвои напорите за да им помогне на сиромашните земји да ги укинат старите практики кои опстојуваат поради недостаток на социоекономски развој.
Како што покажуваат сите примери, поштенскиот свет живее и се менува. Затоа да усвоиме нови технологии и да ја поддржиме промената!
Ви посакуваме прекрасен Светски ден на Поштата!
Бишар Хусеин
Генерален директор на СПС