Пошта на Северна Македонија во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на деца на Македонија, а на иницијатива на Светскиот поштенски сојуз го организираше натпреварот за најдобар литературен состав, по повод 9-ти Октомври, Светскиот ден на Поштата. Темата која беше зададена од Светскиот поштенски сојуз за оваа година е „ Напиши писмо за твојот херој“.
Комисијата во состав:Горјан Петревски, писател и претставник од Сојузот за грижи и воспитување на децата на РМ, Мустафа Ибраими, универзитетски професор, Марија Таушанска, уредник на Колибри во весникот Нова Македобија и Валентина Цветкоска доделија награди за прво, второ и трето место, а пет литературни творби беа пофалени.
Најдобриот состав, писмо на Јована Масинова од ОУ „Св. Кирил и Методиј“, Велес, е испратено до Меѓународното биро на Светскиот поштенски сојуз во Берн, Швајцарија, каде ќе се натпреварува со останатите литературни состави од сите земји – членки на Светскиот поштенски сојуз.
Матеја Петрушевска од ОУ „Христијан Карпош“, Куманово добитник е на втората награда, а Илеза Мустафи од ОУ „Башкими“ од Гостивар го освои третото место. Пофалени се следните ученици: Ева Карамановска, ОУ „Рајко Жензифов“, Ива Танческа, ОУ „Гоце Делчев“, Суела Рушити, ОУ „Фан Ноли“, Дамјан Блажевски, ОУ „Јан Амос Коменски“ и Тијана Пуриќ од ОУ „Вук Караџиќ“.
Светскиот ден на Поштата се прославува секоја година на 9-ти Октомври, а целта на овој литературен конкурс е да се подобри уметноста на пишаниот збор, вештините на изразувањето, а во исто време и негување на традицијата на пишување писма. Одлуката за прослава на Светскиот ден на поштата е донесена на конгресот на Светскиот поштенски сојуз во Токио, во 1969 год.