Share the post "Обраќање на генерален директор на Македонска пошта, г-дин Рафис Аљити по повод Светски ден на Пошта."
Денеска е Светскиот ден на поштата. Го прославуваме заедно со сите пошти во светот, од далечната 1993 година кога на 12 јули Македонија беше примена за членка на Светскиот поштенски сојуз, со што станавме дел од глобалното поштенско семејство.
Во Македонија, поштата се бори со актуелните општествени случувања, односно работата на Македонските пошти е директно тангирана од актуелните состојби во државата. Но, она што можам да го потенцирам е дека ниту во еден момент корисниците на Македонска пошта не биле доведени во прашање, односно Македонска пошта секогаш го дава својот максимум во пружањето на поштенските услуги, како на територијата на Република Македонија, каде со своите услуги ги опфаќа и најдалечните населени места, така и на глобално светско ниво. Македонска пошта одговара на современите предизвици и е рамноправен партнер на поштите на глобално светско ниво.
Македонска пошта е клучната алка која ги поврзува поединците и институциите во секојдневнатапоштенска комуникација. Секојдневно ги осовременуваме нашите услуги, но и помагаме онаму каде што нашата работа може да придонесе. Затоа, Македонска пошта активно соработува и со државните институции во Република Македонија и ги помага општествено корисните акции. Така, Македонска пошта на барање на Министерството за образование на Република Македонија, до сега направи бесплатна достава на 60.000 научни книги од странски автори, преведени на македонски и албански јазик, а во тек е доставата уште на ист толкав број и тоа до сите библиотеки, универзитети, Собранието на Република Македонија, Владата на република Македонија и Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор. На овој начин, се поттикнува образованието, едукацијата и достапноста до стручна литература во образовните институции во Македонија.
Во соработка со Министерството за транспорт и врски и Министерството за надворешни работи, Македонска пошта, исто така бесплатно достави над 300 пакети со книги од автори на Македонија преведени на англиски јазик до сите амбасади и претставништва на Република Македонија во светот, со што пак пошироко ќе се пренесе науката, литературата и културата на Македонија на глобално ниво.
Светската статистика вели дека во 2012 година, поштите низ цел свет имаат испорачано околу 350 милијарди писма и над 6 милијарди пакети. Во Република Македонија сме горди на бројката од над 49 милиони писма кои се испорачуваат на годишно ниво, што не е мала бројка и во светски рамки.
Дел од овие писма, Македонска пошта во рамките на својата општествена одговорност ги дистрибуира бесплатно. Така, традиционално бесплатна достава на пратки се обезбедува за Здружението на деца без родители „Иднина“, и на Црвен Крст на Македонија. Токму со овие акции Македонска пошта ја поддржува и главната цел на Светскиот ден на поштите, а тоа е да се подигне свесноста на улогата на поштенскиот сектор во секојдневниот живот на луѓето и бизнисите, како и нивниот придонес кон социјалниот и економскиот развој на земјите. Овој ден се слави во над 150 земји на светот, кој се слави секоја година на 9 октомври кога е основан Светскиот поштенски синдикат во 1874 година во Берн, Швајцарија.
Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун, за Светскиот ден на поштите за оваа година потенцира дека поштенските услуги продолжуваат да играат витална улога во размената на информации и добра и дека поштите низ целиот свет се редефинираат со цел да ги задоволат сè поголемите потреби на клиентите. Токму тоа е и главната цел во мисијата на Македонска пошта, задоволување на потребите на корисниците и грижа за нивните потреби во врска со поштенските услуги.
Македонска пошта и оваа година се вклучува во прославата на овој Светски ден, а симболично ќе го одбележи со финансиска донација за домот за деца без родителска грижа „11 октомври“ во Скопје. Сметавме, дека годинава помошта за овие деца ќе биде подобредојдена од било каква интерна прослава.
Почитувани, колеги, соработници и пријатели, корисници на услугите на Македонска пошта, уште еднаш ја користам оваа прилика да потенцирам дека Македонска пошта останува доследна во пружањето на беспрекорните услуги за своите клиенти, постојано се осовременува и цели кон подобра иднина. Нека ни е среќен овој Светски ден на поштите!
А.Д” Македонска пошта”
Генерален директор
Rafis Aliti