Директорот на Македонска пошта, г. Рафиз Алити, денеска се сретна со двајцата вработени кои покажаа голема храброст, хуманост и пожртвуваност и ѝ помогнаа на педесет и едно годишната С.С. од Скопје врз која беше извршено кривично дело „Разбојништво во обид“, во непосредната близина на влезот на Македонски Пошти-2 кај Нова железничка станица.
Акит Азири и Алмир Зендели, кои се вработени во Службата за безбедност во Пошта 2, утрото на 14 декември го спречија нападот врз скопјанката и помогнаа во приведувањето на разбојникот, несебично ставајќи се во заштита на нападнатата граѓанка. Азири и Зендели, откако го забележале инцидентот на безбедносните камери на Македонска пошта 2, веднаш реагирале, го спречиле разбојникот и го пријавиле настанот во полиција.
Директорот Алити, го поздрави овој херојски чин на двајцата вработени, кои пред сè ја покажаа својата хуманост и подготвеност да се стават во служба на граѓаните, ставајќи ги дури и сопствените животи во опасност и нагласи дека тие може да бидат пример, не само за сите вработени во Македонска пошта, туку и пошироко за секој граѓанин, кој би требало да помогне во слична ваква ситуација.
Во оваа пригода, генералниот директор на Македонска пошта, Рафиз Аљити ги награди двајцата пожртвувани и пред сè хумани работници со пригодна парична награда.