Share the post "Зградата на Централната Пошта во Скопје именувана меѓу 7-те најзагрозени споменици во Европа во 2021"
Хаг / Брисел / Луксембург, 8 Април 2021
Европа Ностра – Европскиот глас на граѓанското опшество посветено на културното и природно наследство и неговата партнерска организација, Институт на Европска Инвестициoна Банка, денес ја објавија Листата на 7-те најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа за 2021:
- Зграда на Централна Пошта во Скопје, СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
- Железничка пумпа на пареа во Ахенси, Тирол, АВСТРИЈА
- Комплекс на гробишта во Мирогој, Загреб, ХРВАТСКА
- Пет Јужно-Егејски Острови, ГРЦИЈА
- Градина Џусти, Верона, ИТАЛИЈА
- Манастир во Дечани, КОСОВО[1]*
- Капела Сан Хуан де Сокуева и Ермитаж, Кантабриа, ШПАНИЈА
Објавата на 7-те најзагрозени локалитети во 2021 година беше најавена на дигитален настан со високи претставници од Европа Ностра и Институтот на Европска Инвестициона Банка, со учество на Марија Габриел, европски комесар за иновации, истражување, култура, едукација и млади. Номинаторите и претставниците на 7-те избрани локалитети дадоа свој придонес на вебинарот, при што привлекоа учесници од цела Европа и пошироко.
Обраќајќи се на дигиталниот настан Гај Клаус, заменик претседателот на Европа Ностра, нагласи: “Целта на нашата Листа на 7 -те најзагрозени за 2021 година е да алармира за сериозната закана со која се соочуваат овие локалитети. Од извонредниот средновековен манастир до прекрасната ренесансна градина, од индустриски и модерни конструкции до иконски културни пејсажи: овие локалитети се важни сведоштва за нашето заедничко минато, меморија и идентитет. Во време кога нашиот континент се соочува со невидени кризи, Европа Ностра изразува солидарност и ја дава својата поддршка на локалните заедници во Европа кои се одлучни да ги спасат овие загрозени културни богатства. Преку нашата широка пан-Европска мрежа на членови и партнери, ние ќе мобилизараме разна експертиза и ресурси за да помогнеме да се спасат овие културни локалитети, кои треба да бидат препознаени како моќни двигатели за одржлив развој ,како и витални алатки за мир и дијалог помеѓу различни заедници. Заедно, ние можеме да го направиме тоа!”
Франциско де Паула Коелјо, претседател на Институтот на Европска Инвестициона Банка, изјави: “Повторно, ЕИБ Институтот стои заедно со Европа Ностра, наш долгогодишен партнер во заштитата на Европските локалитети со културно наследство во опасност. Европејците се гордеат со културното наследство. Тоа ги зближува. За ЕУ Банката е природно да помага во зајакнувањето на оваа врска преку наша поддршка и посветеност за Програмата на 7-те најзагрозени.”
Во врска со објавата на 7-те најзагрозени локалитети за 2021 година, Марија Габриел, европски комесар за иновации, истражување, култура, едукација и млади рече: “Европското културно наследство е нашето минато, сегашност и иднина. Тоа е дел од нашиот идентитет и ги доближува заедно луѓето од нашиот континент во заеднички вредности и искуства. Тоа е скапоцено и заслужува наше најголемо внимание и заштита. Со Програмата 7-те најзагрозени, ние го ставаме на виделина нашето европско наследство во опасност, подигнуваме свесност и го трасираме патот кон одржлива иднина на избраните локалитети.”
7-те најзагрозени локалитети за 2021 година беа селектирани од Бордот на Европа Ностра од 12-те локалитети кои беа избрани од панел на интернационални експерти. Селекцијата беше направена врз основа на извонредното значење на наследството и културната вредност на секој локалитет, како и врз основа на сериозната опасност со која се соочуваат. Нивото на ангажираност на локалните заедници и посветеноста на јавните и приватните чинители за зачувување на овие локалитети се сметаа за клучни додадени вредности. Друг критериум за избор претставуваше потенцијалот на овие локации да дејствуваат како катализатор за одржлив социо-економски развој за нивните локалитети и регионот.
Избраните 7 најзагрозени локалитети се квалификувани за ЕИБ грант за наследство до 10.000 еур по локалитет. Грантот за наследство може се додели на избраните 7 најзагрозени локалитети за да се помогне во имплементирањето на активности кои ќе допридонесат кон зачувување на загрозениот локалитет.
Тим на експерти кои ја претставуваат Европа Ностра и Институтот на Европска Инвестициона Банка, заедно со организациите и останатите партнери кои ги номинирале локалитетите, ќе учествуваат во проценката на секој локалитет со собирање на информации и со комуникација со главните засегнати страни. Овие мултидисциплинарни тимови ќе обезбедат експертски совет, ќе идентификуваат можни извори на финансирање и ќе помогнат да се моблизира широка поддршка за да се сочуваат овие културни белези. На крајот на процесот на проценката, тие ќе формираат и комуницираат сет на совети за идни активности.
Програмата 7-те најзагрозени е водена од Eвропа Ностра во партнерство со Институт на Европска Инвестициона Банка. Истата е поддржана и од Програмата Креативна Европа на Европската Унија. Програмата започна во 2013 година, и истата претставува дел од граѓанската кампања за спасување на загрозеното наследство во Европа. Програмата подигнува свест, подготвува независни проценки и предлага препораки за акција. Програмата обезбедува симболичен грант од 10.000 еур по локалитет. Именувањето на загрозен локалитет честопати служи како катализатор и поттик за мобилизирање на потребната јавна или приватна поддршка, вклучително и финансирање.
Зграда на Централната Пошта во Скопје
Централната пошта е извонреден објект лоциран во Скопје со модернистички и бруталистички архитектонски стил од повоената ера. Дизајниран е од македонскиот архитект и уметник Јанко Константинов и е финализиран во 1974 година. Исклучително моќната структура на објектот е изработена од армиран бетон, во форма на цвет од лотос. Неговата форма на лотос беше наменета да ја симболизира реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес што предизвика разурнување на градот и неговата инфраструктура во 1963г.
Oвој извонреден пример на високо експресивна и скулптурална архитектура од 20 век е од витално значење за визуелниот и симболичен архитектонски пејзаж и бруталистички ансамал во срцето на Скопје, како и за наследството на Европа и пошироко. Зградата која служеше како административна шалтерска сала на “Телекомуникацискиот и Поштенски центар” на Федеративна Република Македонија е исто така значајна како симбол на отпорност на периодот на постземјотресот.
Зградата преживеа огромен пожар во 2013 година. Сепак, првичното застаклување на куполите и муралите на дизајнерот на ентериерот Борко Лазески, како и специјално дизајнираните мебел и осветлување, беа целосно уништени или претрпеа сериозна штета.
Објектот на Централната пошта, вклучувајќи ги нејзините главни ентериерни и ѕидни обработки, денес е уште повеќе загрозена од неупотреба и влошување, засилено со присуството на поткопување од ерозијата предизвикана од покачување на подземните води поради непосредната близина на реката Вардар. Бидејќи зградата сеуште е без покрив, таа страда од директната изложенст на атмосферски влијанија со врнежи од дожд и снег кои продираат во целата нејзина внатрешност.
Номинацијата на Централната пошта за програмата 7-те најзагрозени во 2021 година беше поднесена од Институтот за истражување на животната средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ) од Скопје. Целосно е подржана од страна на АД за поштенски сообраќај “Пошта на Северна Македонија” во државна сопственост-Скопје, и консултантот за наследство и одржливост д-р Георги Георгиев од “Консалтинг, Планирање, Иновации и Стратегии” од Германија.
Иднината на зградата на Централната пошта е загрозена со оглед на степенот на нејзиното оштетување, бидејќи објекти со овој тип на форма и конструкција се многу комплексни за обнова. Подигнувањето на јавната свест за важноста на заштитата и повторната употреба на објектот е една од главните цели на членовите на проектниот тим, изготвувачи на проектниот прелог, м-р Сузана Касовска Георгиева, Заменик директор на “Институтот за животна средина, градежништво и енергетика” (“ИЕГЕ“) од Скопје, арх. Благица Стојчевска, Раководител на Самостојната служба за градежништво и инвестиции на АД “Пошта” и д-р Георги Георгиев и целиот консултантски тим за одржливо зачувување на наследство и урбан развој од Германија.
Процесот на номинација беше целосно поддржан од страна на Министерство за култура на Република Северна Македонија, како и проф. д-р Ралф Килиан и проф. д-р Јоана Лаиснер од Институтот “Фраунхофер” од Германија.
Номинаторот на Зградата на Централната Пошта се залага за редизајн на објектот како центар за културни и општествени активности со фокус на националната и интернационална публика, кои ќе го продлабочат разбирањето, знаењето и свесноста за културното наследство како клучен извор за одржлив развој на заедницата.
За повторна употреба на Централната пошта во Скопје, се планира да се основа и да работи, со институционална, техничка и кадровска поддршка од Владата и другите релевантни институции на Северна Република Македонија, како и од целата научна и стручна јавност, тимска структура за јавен интерес, која ќе ја развива и управува стратегијата и активностите за зачувување, повторно работење, финансирање и управување со можностите за финансирање и групно финансирање на мноштвото потреби за оваа реализација. Ова ќе обезбеди транспарентна и одржлива грижа и работење на објектот.
Главната цел на проектниот тим е да го трансформира објектот на Централната пошта во Скопје организациски и функционално во одржлив организам што функционира и кој ќе биде активен дел од урбаното и културно ткиво на градот Скопје, Европа и светот.
Одборот на Европа Ностра, врз основа на мислењата изразени од Советодавното тело на програмата 7-те најзагрозени за 2021 година изјави: “Зградата на Централната Пошта претставува се она што е програмата 7-те Најзагрозени, а тоа е културен објект од извонредно значење кој претставува симбол на повторното раѓање на градот после земјотресот. За жал, овој објект потребно е да се роди по втор пат.”
КОНТАКТИ ЗА ПРЕС
Европа Ностра Јоана Пинхеиро, jp@europanostra.org M. +31 6 34 36 59 85 Сара Занини, sz@europanostra.org M. +39 32 80 45 58 65
Институт на Европска Инвестиоциона Банка Бруно Росињол, bruno.rossignol@eib.org T. +352 43 797 07 67; M. +352 62 134 58 62
Институт за истражување во животна средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ) Сузана Касовска Георгиева, suzana@iege.edu.mk T.+389 2 30 90 931; M.+389 75 489 005 |
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ НА
Language versions of the press release Photos & e-banners (in high resolution)
|
Останати информации
Европа Ностра е европски глас на граѓанското опшество посветен на зачувување и промоција на културното и природно наследство.Таа претставува пан-европска федерација на невладини организации за наследство, поддржана од широка мрежа на јавни тела, приватни компании и поединци, во повеќе од 40 држави. Основана во 1963 година, денес е признаена како најголема и најрепрезентативна мрежа за наследство во Европа. Европа Ностра промовира кампањи за спасување на европските најзагрозени споменици, локалитети и пејзажи, посебно преку Програмата 7-те најзагрозоени. Таа промовира извонредност преку Награди за Европско Наследство/ Награди Европа Ностра. Европа Ностра активно допридонесува за дефинирање и имплементација на Европските стратегии и политики поврзани со наследство, преку партиципативен дијалог со европските институции и координација од Алијансата за Европско Наследство.
Институт на Европска Инвестициона Банка (ЕИБ-И) беше поставен во рамките на ЕИБ Групацијата (Европска Инвестициона Банка и Европски Инвестициски Фонд) за да ги промовира и поддржи социјалните, културните и академските иницијативи со европските засегнати страни и јавноста. Тоа е клучниот столб на заедницата на ЕИБ групацијата и нивниот ангажман. Повеќе информации на http://institute.eib.org
Креативна Европа е европска програма која ги поддржува културните и креативните сектори, овозможувајќи им да го зголемат својот придонес кон работните места и нивни раст. Со буџет од 1.64 милијарди еур за 2021-2027 година, оваа програма поддржува организации од областа на наследството, ликовна уметност, интердисциплинарна уметност, издаваштво, филм, ТВ, музика и видео игри, како и десетици илјади уметници, професионалци од областа на културата и аудиовизуелната продукција. Финансирањето им овозможува да работат низ цела Европа, да стекнат нова публика и да развијат вештини потребни во дигиталното време.
[1]* Оваа ознака не е во спротивност со ставовите за статусот и е во согласност со резолуцијата 1244/1999 на ООН и мислењето на МСП за декларацијата за независност на Косово.