Во рамките на процесот на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија, како и усогласување на регулативата и практиките на поштенскиот сектор, во тек е завршниот дел на Твининг проектот помеѓу Кралството Шпанија и Агенцијата за пошта на Северна Македонија, во кој е вклучена и Поштата на Северна Македонија.
На завршниот состанок на Твиниг проектот во Пошта присуствуваа претставници на Управниот одбор и стручните служби од Компанијата, предводени од генералниот директор Ејуп Рустеми, директорката на Аагенцијата за пошти Билјана Аврамоска Ѓуреска, а во име на Кралството Шпанија на состанокот присуствуваа г. Рафаел Креспо, генерален директор за поштенски режими на Министерството за транспорт, мобилност и урбани работи и шеф на проектот на збратимување; претседателот на Европскиот комитет на поштенски регулатори Херман Васкез Асенхо и советникот на проектот Ева Марија Пикос Перез.
Целта на работниот состанок е да се види како напредува проектот и што треба да се преземе за негова практична реализација.
„ Благодарение на Проектот и вклученоста на стручните служби од Компанијата, знаеме кои чекори треба да се преземат за да се либерализира пазарот, вклучувајќи ја модернизацијата на поштенскиот сектор, прифатливи цени и задоволни корисници. Свесни сме дека проектот е од голема важност за сите институции вклучени во него и искрено се надевам дека крајниот резултат ќе биде задоволителен за сите страни, потенцираше генералниот директор Ејуп Рустеми.
Взаемната соработка и размената на информации, поткрепени со придобивките од проектот ќе ни овозможат заедно да ги реализираме предвидените цели, истакна директорката на Аагенцијата за пошти Билјана Аврамоска Ѓуреска.
Претставниците на Кралството Шпанија го истакнаа задоволството од досегашното работење на стручните служби на проектот и потенцираа дека Поштата е местото од каде треба да започнат процесите, бидејќи иднината дава големи можности, а тие трба да се искористат, така што сега е вистинското време Поштата на Северна Македонија да се насочи кон модернизација во своето работење.