Share the post "Говор на генералниот директор на Светскиот поштенски сојуз за 2021 година"
„Да се воведат иновации за повторно да се продолжи“
Сите ние сме должници на мала група луѓе чија креативност и иновативност му овозможуваат на светот да избега од канџите на пандемијата со КОВИД-19.
На почетокот на кризата се стравуваше дека ќе бидат потребни многу години за да се измисли вакцина која ќе го победи вирусот. Меѓутоа, соработката без преседан на луѓе, фирми и организации овозможи за само една година да се произведат вакцини. Исто така, медицинските сестри и докторите кои секојдневно го ризикуваа својот живот, научниците и истражувачите кои ја открија вакцината против КОВИД-19, се светски херои.
Овој научен триумф ја роди надежта дека инфекциите би можеле да се избегнат, а ширењето на вирусот да се спречи. Да се надеваме дека тоа ќе доведе до подобра иднина. Општо, деловниот свет, а пред се меѓународниот поштенски сектор, можат да се инспирираат од оваа сторија каде иновациите одиграа витална улога.
КОВИД-19 не само што парализира за многу долг период голем дел од меѓународниот поштенски сектор, туку имаше и негативно влијание врз деловните стратегии и планови. Во овој контекст секторот беше принуден да ја покаже својата креативност и да развие нови идеи и методи за да ги услужи корисниците.
Се појавија нови социоекономски поштенски услуги како и креативни идеи за достава на пратки, а електронската пошта успешно се разви во многу региони од светот.
Во многу земји и територии во светот поштите учествуваат во дистрибуцијата на вакцини до крајното одредиште благодарение на комплексни методи за ладно складирање, предлагаат платформи за резервирање на вакцини и дури обезбедуваат простор за центри за вакцинирање. Овие активности се неоспорен доказ дека Поштата е неодвоива од општеството и од корисниците што ги опслужува.
Снаодливоста и приспособливоста кои ги покажа Поштата во поглед на давањето на услуги и на оперативен план носат, исто така, надеж за иднината на поштенскиот сектор. Многу често дозволивме песимизмот да ни ја смрачи визијата за иднината на поштенскиот сектор. Меѓутоа, многупати се докажа дека поштите можат да се справат со ситуацијата и да продолжат да ги нудат услугите со зачудувачка способност за адаптација.
Кога КОВИД-19 ги погоди сите земји од светот, а пред се воспоставената логистичка инфраструктура, Поштата сепак најде начин да го одржи обезбедувањето на услугите во корист на заедниците за што и оддаваме почит во текот на Светскиот ден на Поштата.
Токму иновативноста и приспособливоста на поштите да ги опслужат заедниците ги прославуваме по повод Светскиот ден на Поштата.
Оваа година темата на Светскиот ден на Поштата е „Да се воведат иновации за повторно да се продолжи“.
Заедно треба да извлечеме поука од пандемијата со КОВИД-19 и да сфатиме дека иновативноста е од суштинско значење; токму таа е движечката сила за повторно да се продолжи и да се направи овој сектор од суштинско значење за милијарди луѓе.
Ви посакувам многу успех при прославување на Светскиот ден на Поштата!