Share the post "Порака на генералниот директор на Светскиот поштенски сојуз 2020 година"
„Не сме само поштенски пратки“
Сите ние треба да ги признаеме неверојатните жртви што ги почувствуваа поштенските оператори и нивниот персонал во текот на пандемијата со Ковид-19 .
Додека беснееше пандемијата во целиот свет, поштенските работници, оценети како неопходни, напорно работеа за да ја обезбедат доставата на пратки. За жал, некои ги изгубија животите, на други трајно им се влоши здравствената состојба. Многумина ги претрпеа штетните последици од пандемијата.
Ја поздравувам храброста и посветеноста на милиони поштенски работници кои продолжија да ја обезбедуваат услугата и покрај нарушувањата во светот. Поштенскиот сектор и целиот свет се гордеат со вас, а вашите бројни достигнувања ми предизвикуваат восхит.
Пратките продолжија да се движат и покрај затворањето на аеродромите и границите и покрај заразата, пред се, во центрите за сортирање.
Таму каде што се појавија пречки, се создадоа нови патеки. Комерцијалните летови се заменија со возови и бродови; поштенските оператори осмислија нови начини за работење и за обезбедување на доставата. Огромните логистички синџири кои ги преминуваа националните граници и континенти на големи далечини за неколку денови и седмици беа изменети. Овој нов период беше одбележан со иновација и креативност кои овозможија изнаоѓање на нови начини за обезбедување на финансиски и социјални услуги.
Благодарение на Поштата, изолираните и изнемоштени повозрасни лица ја добија потребната помош. Се доставија лекови од витално значење и заштитна опрема и се одржаа основните финансиски услуги. Светскиот поштенски сојуз вложи поголеми напори за да им ги даде на своите земји-членки потребните анализи, партнерства и иновации.
И покрај многубројните потешкотии, заеднички ја исполнивме нашата задача во однос на универзалната услуга која не обврзува да ги доставиме пратките до сите жители на планетата, каде и да се наоѓаат. Светскиот ден на Поштата е идеална прилика за да им се оддаде почит на нашите земји-членки, на поштенските оператори, на поштенскиот персонал и на сите лица кои учествуваат во доставата на пратки.
Уште од нашето формирање надминавме војни, природни катастрофи и епидемии. Постојано ја одржувавме нашата услуга. Меѓутоа, во текот на 2020 година поштенскиот сектор му ја покажа на светот својата цврстина, одлучност и непроценлива улога која ја има во рамките на секое општество.
Покажавме дека не сме само поштенски пратки.